Италијански новинар: Ал Наср се договори со Димитриевски, ама Рајо не може да го убеди?!

Италијанскиот новинар Руди Галети, соработник на Спорт Италија и Калчомеркато, објави предмалку дека македонскиот репрезентативец Столе Димитриевски се договорил со саудиски Ал Наср, но и понатаму пречка за евентуален трансфер е договор со Рајо Валјекано за отштетата.

Фабрицио Романо пред неколку дена објави дека Ал Наср испратиле понуда од 3,5 милиони евра за Димитриевски во Мадрид, но „пчеличките“ ја одбиле понудата, а сега Галети потенцира дека македонскиот чивар на мрежата ги договорил личните услови со клубот во Саудиска Арабија, па сега Ал Наср веројатно со повеќе пари ќе треба да го убеди Рајо за да им го продаде македонскиот репрезентативец. Сепак, со резерва треба да се земат и овие информации, зашто Димитриевски пред неполна недела објави дека го интересира само Рајо Валјекано и не го интересираат најразличните понуди за кои се пишува.

Галети потенцира дека и Димитриевски притиска за да се реализира трансферот, но не се открива колку пари тој ќе заработи во Саудиска Арабија ако дојде во Ал Наср. Инаку во оваа земја од летоска игра Езџјан Алиоски, левиот бек на репрезентацијата кој потпиша со Ал Ахли за пет милиони евра за две години, откако му заврши договорот со англиски Лидс.

Шпанските медиуми од пред нова година објавуваа дека Барселона е заинтересирана за Димитриевски, но засега официјална понуда и преговори нема.

Инаку Димитриевски не е во конкуренција и за следниот меч објави тренерот Андони Ирајола, потенцирајќи дека сѐ уште македонскиот голман има проблем со бутот, поради кој не играше и на минатиот меч со Бетис.