Иско го суреди каталонски Еспањол (ВИДЕО)

Во денот со премногу тензии поради референдумот во Каталонија, гостинот од сепаратистичката провинција Еспањол дојде на „Сантијаго Бернабеу“ да му пружи достоен отпор на европскиот и шпански првак Реал Мадрид, но не успеа во тоа поради – Иско.

Шпанскиот репрезентативец го суреди Еспањол со два гола за да му донесе триумф на „кралскиот клуб“, кој врза три победи во низа изминатава седмива и сега стигна до 14 бода, седум помалку од засега неприкосновената Барселона, која има максимален ефект по седум кола. Иско постигна по еден гол во двете полувремиња доволен за радост на десеткуваниот тим на мадридскиот великан.

Дуелот на „Бернабеу“ го одбележа пораката на мадридските навивачи, кои фудбалскиот храм го накитија со националното знаме и на Каталонија и порачаа дека само шпанско знаме ќе се вее. Денеска во Каталонија се одржуваше референдум за независност, кој не го признаваат властите од Мадрид и посочуваат дека е противуставен. Насилство и брутална реакција на полицијата во Каталонија го шокираа светот.