Интер со пет гола ја испрати Рома за голем чекор кон „Скудетото“ (ВИДЕО)

Пет недели чекаше Интер на 23. победа во Серија А, но до неа дојде на спектакуларен начин.

На домашен терен ја прегази Рома со 5-2 и направи голем чекор кон шампионската титула, на седум кола пред крајот на сезоната. Иако има уште многу да се игра, денешниот триумф покажа дека „нераѕурите“ имаат капацитет да го вратат „Скудетото“ во своја сопственост.

Во главна улога вечерва беа напаѓачите Лаутаро Мартинез и Маркус Турам, потпомогнати од Чалханоглу и Барела. Мартинез постигна два гола, Турам еднаш ја затресе противничката мрежа, но имаше и две асистенции, а Чалханоглу предизвика еуфорија со еден од најубавите голови во Серија А оваа сезона. Последниот погодок беше дело на Барела.

На спротивната страна погодија Манчини и Пелегрини, но Рома продолжи со ужасните резултати на гостински терен оваа сезона.