Интер и Реал прават бомбастична размена – Ериксен ќе стане „крал“?

Милански Интер и мадридски Реал преговараат за бомбастична размена на фудбалери вредна 100 милиони евра, најави „Скај Германија“, повикувајќи се на доверливи информации, во која Кристијан Ериксен ќе стане „крал“, а на „Џузепе Меаца“ би завршил Иско.

Двајцата фудбалери во моментов не се во прв план кај своите тренери, а и двајцата играат премалку и бараат опција за да заминат во друг клуб каде би играле поголема и поважна улога, па Интер и Реал започнале преговори за да ги разменат во договор со тренерите Антонио Конте односно Зинедин Зидан.

Ериксен дојде во Интер како големо засилување за 20-на милиони евра од Тотнем, шест месеци пред истекот на договорот со лондончани, но не се снајде во Милано и добива сѐ помала минутажа кај Конте, па неколкупати јавно го искажа незадоволството од статусот на резерва. Иско, пак, кој во минатото играше важна улога во Реал, сега е во втор план кај Зидан, со само три настапи сезонава, па и тој е незадоволен што не игра и веќе разговарал со раководството и со тренерот, барајќи дозвола да си замине.

Сега останува да се види дали размената ќе се случи, зашто Реал многу повеќе го вреднува Иско, па „нераѕурите“ би требало да доплатат во размената, иако не се исклучува можноста да се изнајде решение кое ќе ги задоволи двете страни. Наводно вредноста на Иско е 70 милиони, иако таа цена за фудбалер со мала минутажа е преголема, додека на Ериксен цената е околу 30 милиони евра.

Инаку за Иско сериозен интерес има и од англиски Евертон, чиј менаџер Карло Анчелоти сака да го види во својот тим, а Италијанецот беше човекот што пред седум години го донесе шпанскиот репрезентативец од Малага во „кралскиот клуб“.