Интер гази кон „скудетото“: Санчез со два гола ја освои Парма за седма победа во низа (ВИДЕО)

Милански Интер ја продолжи извонредната серија и ја запиша седмата победа во низа во италијанското Калчо, откако вечерва Алексис Санчез со два гола за осум минути ја освои Парма (2-1) за „нераѕурите“ да избегаат шест бода пред Милан, а дури десет пред актуелниот првак Јувентус.

Ромелу Лукаку двапати му асистираше на Санчез, а чилеанстака ѕвезда во 54-та и 62-та минута ја погоди мрежата за да ја реши Парма, која успеа да се врати во мечот со голот на Хернани во 71-та минута, но немаше сила да ја спречи серијата на миланскиот великан и да се избори за бод.

Интер со 18-от триумф во 25 меча во Калчото сега има 59 бода, Милан е втор со 53, а Јувентус со 49, но и меч помалку е на третото место на табелата. Парма со 14-от пораз остана претпоследна, шест помалку од сигурната зона и најблискиот ривал за опстанокот Калјари кој има 21 бод.