Играа куп-финале и 12 сезони во Првата лига, а сега „просат“ на Фејсбук за да не – згаснат!

Некогашниот фудбалски прволигаш, Напредок Кичево, кој со децении беше гордост не само на градот туку и на цела Западна Македонија, се наоѓа пред целосно згаснување, ако наскоро не бидат обезбедени потребните средства за котизација за настап во Третата лига – Запад.

Деновиве на социјалните мрежи можеше да се види емотивно обраќање до јавноста на Иницијативниот одбор за спас на клубот, во кој се повикуваат сите добри луѓе да донираат колку што можат и со тоа да го продолжат животот на овој локален фудбалски херој.

„Ги повикуваме сите спортски ентузијасти, сите спортски љубители да му помогнат на еден од најстарите клубови, како не би дошло до негово згаснување. Бидејќи претставува симбол на Кичево и пошироко во Македонија, потребно е до 29 септември да се плати котизација за полусезона во Трета македонска фудбалска лига-Запад во износ од 75 000 денари. Сите кои ќе донираат ќе добијат потврда за донираните средства. Се надеваме дека ќе излезете во пресрет на нашиот апел“, велат од ФК Напредок.

Екипата од Кичево е формирана далечната 1928 година, под името Јадрана, а веднаш по Втората светска војна е преименуван во Јанчица, за во 1952 година да го добие сегашното име. Најголем успех во клупската историја е настапот во финалето од Купот на Македонија во 2004 година, кога Напредок загуби од Слога Југомагнат (0-1). Кичевчани по осамостојувањето одиграа 12 сезони во Првата лига, од каде што последен пат испаднаа во 2014 години, по што почнаа тешките времиња за клубот.