Ибрахимовиќ: Вистинскиот Роналдо е од Бразил!

Шведската суперѕвезда Златан Ибрахимовиќ најави дека ќе се врати во Италија зимава, па за магазинот „Го-Кју“ го пецна најдобриот фудбалер во Серија А, Португалецот Кристијано Роналдо.

Ибрахимовиќ е поранешен фудбалер на Јувентус, Интер и Милан, а сега медиумите најавуваат дека веројатно ќе се врати во таборот на „росонерите“, иако втората опција е да оди во Болоња кај неговиот пријател Синиша Михајловиќ, кој се лекува од леукемија и води животна битка.

„На фудбалер не му е важно во која екипа ќе игра, туку дали ќе се склопат коцките. За да изберам тим треба многу работи да се сложат, а во нив влегува и моето семејство. Наскоро се гледаме во Италија., а вистинскиот Роналдо е од – Бразил!“, рекол Ибрахимовиќ.

Ова не е првпат самобендисаниот Ибра да го напаѓа Роналдо, зашто во минатото Швеѓанецот изјавуваше дека Роналдо не ги освојува „златните топки“, туку Флорентино Перез, челникот на најтрофејниот европски клуб Реал Мадрид.

„Кристијано не е природен талент, туку плод на многу работа и труд. Дали е предизвик што отиде во Јувентус? Каков е тој предизвик да одите во клуб кој седум пати е првак по ред. Предизвик е да одите во Јувентус кога беше во втора лига и да го вратите во Серија А“, посочува Ибрахимовиќ.