Ибрахимовиќ направил хаос во Милан – цехот ќе го плати тренерот Алегри!

Тренерот на Милан, Масимилијано Алегри, сериозно размислува за заминување од клубот на крајот од сезоната поради нарушени односи со спортскиот директор, Златан Ибрахимовиќ и со клупската управа, пренесуваат италијанските медиуми.

Односот меѓу Алегри и Ибрахимовиќ бил целосно нарушен, без комуникација и со високи тензии, а главните несогласувања се поврзани со трансфер-политиката и начинот на водење на спортскиот сектор. Кризата во Милан дополнително се продлабочи по слабите резултати, откако тимот во последните шест натпревари дојде до само една победа и сè уште се бори за место во Лига на шампиони. Италијанските извори тврдат дека конфликтот кулминирал по поразот од Наполи, а како клучна точка на раздор се посочува несогласување околу изборот на трет голман, по што наводно дошло до целосен прекин на комуникацијата.

Медиумите потсетуваат и на нивниот стар конфликт од 2012 година, кога за време на првиот мандат на Алегри во Милан, според зборовите на Ибрахимовиќ, имало жестока расправија во соблекувалната по мечот со Арсенал. Дополнително, Алегри бил незадоволен што дознал за честите контакти на Ибрахимовиќ со Антонио Касано, еден од неговите јавни критичари. Наводно, Швеѓанецот во одредени ситуации им давал и тактички совети на Јусуф Фофана и Рафаел Леао, што дополнително ги нарушило односите во соблекувалната.

Алегри е незадоволен и од недостигот на засилувања во зимскиот преоден рок, иако барал нови играчи. Единствено засилување бил Никлас Филкруг на позајмица, додека дел од медиумите тврдат дека подоцна биле потрошени 30 милиони евра за други трансфери без знаење на спортскиот директор.

Според истите извори, евентуално враќање на Ибрахимовиќ во поцентрална спортска улога во клубот би значело и дефинитивен крај за Алегри на „Сан Сиро“, а како можна следна дестинација за искусниот стратег се споменува и клупата на репрезентацијата на Италија.

ФОТО: Instagram / Zlatan_fans_kerala