Брегалница пак се продава – германски бизнисмен ќе го менува турскиот кошаркар!
Оваа информација засега е неофицијална, поради што нема подетални информации за евентуалниот нов сопственик на второлигашот. Единствено што се кажува е дека станува збор за човек со искуство во фудбалскиот бизнис, со оглед што во моментов бил сопственик на клуб од Германија.
Штипскиот тим пред нешто повеќе од една година беше продаден на поранешниот турски кошаркарски репрезентативец, Мурат Шамил Шен. Неговото доаѓање тогаш беше проследено со еуфорија и најави дека дополнително ќе инвестира и во кошаркарскиот тим од градот како и во индустриски објект, но ништо од тоа не се оствари. Брегалница е на добар пат да се врати во Првата лига, со оглед што на две кола пред крајот на второлигашкиот шампионат е на првото место со 65 бодови. За директен пласман им требаат две победи во преостанатите средби, по што нема да им значат резултатите на директните конкуренти – Скопје (65) и Шкендија Арачиново (63).