Хаос во Барселона: Абидал и Дембеле во жестока кавга!

Шпанскиот првак Барселона го загуби трпението со младата ѕвезда Осман Дембеле, кого пред две години го платија повеќе од 100 милиони евра како замена за заминатиот во тој момент Нејмар во Пари Сен Жермен.

Дембеле дојде од Борусија Дортмунд, како еден од најталентираните фудбалери, кој имаше силен импакт во играта на „милионерите“. Но, откако дојде, во Барселона повеќе прави проблеми, отколку што игра фудбал. Каталонците никако не успеваа да го стават во вистински професионален режим, па на крајот сѐ завршува со бура на „Камп Ноу“.

Како што објави радио „Каталуња“, вистински хаос е на релација Барса – Дембеле и дека целата работа – експлодирала. Причина е повредата на Дембеле после мечот со Атлетик Билбао (0-1), за која се крена голема прашина. Дембеле после мечот добил како и сите други ден одмор од тренерот Ернесто Валверде, но и покрај повредата заминал со авион за Сенегал, а наводно спиел на аеродромот чекајќи го летот.

Кога се вратил било утврдено дека има повреда на задната ложа и дека ќе паузира месец и половина. Менаџерот на Дембеле, Муса Сисоко изјавил дека неговиот клиент не бил во Сенегал, туку во Рен кај неговата мајка, а спортскиот директор Ерик Абидал решил да поразговара со менаџерот околу однесувањето и непрофесионализмот на младото крило. На состанокот, на кој бил и Дембеле, било доста бурно, а кавгата била толку жестока во која паднале тешки зборови.

Абидал побарал од Дембеле да се вразуми и му дал ултиматум ако сака да остане во Барселона, но и на тоа имало отпор од младиот Французин.

Сега, како што најавува каталонското радио, Дембеле би можел да биде казнет и до еден милион евра, како кулминација на сите проблеми што година ипол ги прави во Барселона, но како стојат работите веројатно и деновите на младата француска ѕвезда се избројани на „Камп Ноу“.