Халанд ја заврши годинава – на терен ќе се врати догодина?

Норвешкото чудо од дете Ерлинг Браут Халанд, кој поради повреда на колкот е во аут од минатата недела, најверојатно ја заврши оваа 2021 година и на терен ќе се врати во претстојната 2022, најави селекторот на Норвешка, Јан Оге Фјерторф.

Од Борусија Дортмунд пред неколку дена објавија дека Халанд ќе биде „неколку недели во аут“, откако само што се врати од едномесечна пауза поради повреда на мускулот. Норвежанецот се повреди на мечот со Ајакс во Лигата на шампионите, па сега најверојатно нема да игра воопшто до зимската пауза и ќе се врати на стартот од пролетниот дел некаде кон средината на јануари.

„Можно е да се случи, мечот со Ајакс за Ерлинг да биде последниот за оваа година“, рече Фјерторф.

Халанд има девет гола на шест меча сезонава, а ако се остварат прогнозите за неговата пауза во следните 60 дена, тоа ќе значи дека ќе пропушти вкупно 12 меча во овој период, што е голем хендикеп за Борусија Дортмунд.

Младиот центарфор веќе од поодамна се најавува дека ќе замине на лето од Дортмунд и дека ќе потпише од некој од најголемите европски клубови моментно.