Гвардиола откри: Сити ќе биде последниот клуб во мојата тренерска кариера!
Тој оваа вест ја сподели во ексклузивно интервју со шпанскиот готвач Дани Гарсија, каде што го најави крајот на својот клупски менаџерски пат по заминувањето од таборот на „граѓаните“. Гвардиола во изминативе девет години го предводеше тимот до шест титули во Премиерлигата и многу други значајни остварувања. И покрај моменталната лоша форма на тимот – со само една победа во последните осум натпревари во сите натпреварувања – Гвардиола минатиот месец го продолжи својот договор со клубот до 2027 година, што значи дека ќе остане повеќе од една деценија во Манчестер.
„Нема да водам друг тим. Не мислам на далечната иднина, но нема да го напуштам Манчестер Сити за да започнам нов предизвик со друг клуб. Немам мотивација да почнам од почеток на друго место“, изјави Гвардиола.
Тој остави можност за селекторска улога во национален тим, истакнувајќи дека тоа е сосема поинаков контекст.
„Би сакал да се одморам, да играм голф и да уживам во животот, но знам дека пауза би ми донела голема корист“, дополни Шпанецот.
Во меѓувреме, Манчестер Сити продолжува да губи чекор во трката за титулата. Во саботата одигра нерешено 2-2 против Кристал Палас, со што нивната позиција во Премиерлигата ослабнува. По 15 одиграни натпревари, „граѓаните“ се наоѓаат на четвртото место на табелата, осум поени зад лидерот Ливерпул. Дополнително, тимот е на 17. позиција во групната фаза на Лигата на шампионите и ќе се соочи со Јувентус во среда.
Со 354 победи од вкупно 495 натпревари, Гвардиола има неверојатна стапка на успех од 71,52 отсто и 18 освоени трофеи. Тој е и првиот менаџер кој освоил четири последователни титули во англиската елита, оставајќи траен печат во историјата на фудбалот.