Гатузо ќе го спасува Наполи: Ако обезбеди ЛШ и догодина – ќе остане под Везув!

Темпераментниот Џенаро Гатузо, поранешна ѕвезда на Милан и италијански репрезентативец, како и екс-кормилар на „росонерите“ ќе го спасува Наполи, чиј член е македонскиот бисер Елиф Елмас во оваа сезона откако Карло Анчелоти доцна синоќа доби отказ и покрај заверениот пласман во осминафиналето во Лигата на шампионите.

Анчелоти го плати цехот за сериозната криза, големата негатива во Серија А и за хаосот што се случи во клубот после одлуката за карантин и бојкотот од фудбалерите. Веќе е јасно дека неговиот ученик од деновите во Милано, Гатузо ќе го наследи и веќе денеска популарниот Рино доаѓа под Везув за да го потпише договорот и да го преземе раководењето на клубот.

Според информациите на познати италијански новинари, Гатузо ќе потпише договор до јуни 2020 година со една единствена цел, Наполи догодина повторно да избори место во ЛШ. Ако успее во својата цел, новиот тренер ќе добие автоматско продолжување на договорот за уште една година, зашто со Наполи веќе има успен договор за соработка шест месеци плус една година.

Според најавите, Гатузо комплетно ќе си донесе свои соработници за да го крене тимот, а само тренерот на голманите Алесандро Ниста останува во стручниот штаб, кој работел со чуварите на мрежата и кај Маурицио Сари, а и сега кај Карло Анчелоти.