Галијани и Берлускони ќе го (раз)убедуваат Пандев да не оди во пензија

Македонскиот капитен Горан Пандев неколкупати најавуваше дека планира да оди во пензија, иако кажа дека конечната одлука ќе ја соопшти по завршување на Европското првенство (ЕП), а сега би можел да добие интересна понуда од Серија Б.

Монца планира да се раздели со Марио Балотели, а на негово место сака да донесе искусен и квалитетен напаѓач, а изборот на Адријано Галијани и Силвио Берлускони паднал на Пандев, кој без сомнеж би можел да ѝ помогне на екипата во борбата за промоција во Серија А.

Пандев минатата сезона играше одлично во дресот на Џенова, а го постигна и првиот гол на Еуро 2020 против Австрија пред неколку дена, па уште еднаш покажа дека има што да понуди на фудбалските терени, иако наскоро ќе наполни 38 години.

Монца претходно договори еден од најталентираните македонски фудбалери, Лука Станковски од Работнички, а пред неколку месеци се појавија и шпекулации дека го сака Александар Трајковски, актуелен македонски репрезентативец и член на генерацијата која игра на Еуро 2020.