Фудбалска убавина на „Метрополитано“: Атлетико од 1-3, до победа против Севиља (ВИДЕО)

Екипите на Атлетико и Севиља одиграа еден од најубавите натпревари оваа сезона во шпанското првенство.

Славеше мадридскиот тим со 4-3 за петти триумф во низа, но до победата дојде со спектакуларен пресврт во последниот половина час. До 62. минута, Севиља водеше со 3-1, благодарение на головите на Лукебакио, Ромеро и Санчез, а откако во десеттата минута Де Пол го отвори резултатот.

Пресвртот го почна Гризман во 62. минута, во 79. Лино израмни на 3-3, а во судиското продолжение повторно Гризман се запиша во листата на стрелците и тоа на асистенција на Лино.

Сега Атлетико е на само три бода од Барселона и тоа со натпревар помалку, а во следното коло го пречекува Гетафе. Многу веројатно, за првото место на крајот од годината ќе одлучува меѓусебниот дуел со Барса, за две недели на Монжуик.