Фиорентина не знае за пораз на „Артемио Франки“: Де Хеа го расплака Милан! (ВИДЕО)

Фиорентина славеше во дербито против Милан со 2-1 во седмото коло од Серија А, додека херој на екипата од Фиренца беше шпанскиот голман Давид Де Хеа кој одбрани два пенали.

Мојсе Кин во 22. минута имаше голема шанса за предност на Фиорентина, меѓутоа не реализираше удар од белата точка, но затоа Јасин Адли во продолжени го матира Мањан за водство од 1-0 на домаќинот.

Тео Ернандез во првата минута од судиското надополнување имаше шанса да израмни, но неговиот пенал беше одбранет од шпанскиот голман.

Тами Абрахам застана „очи во очи“ со Де Хеа во 56. минута, но чуварот на мрежата на Фиорентина го одбрани и вториот пенал на „росонерите“.

Де Хеа, сепак, не беше семоќен, па набрзо беше совладан од Кристијан Пулишиќ кој во 60. минута погоди за 1-1, по што Алберт Гудмондсон во 73. минута ја врати предноста на домаќините.

Милан со овој пораз остана на шестата позиција со 11 бодови, односно пет помалку од лидерот Наполи, додека Фиорентина е на 11. место со 10 бода.