Фенербахче можеби избрза со Мурињо - никој не сака да го наследи

Откако не успеа да обезбеди пласман во Лигата на шампионите, Фенербахче го отпушти Жозе Мурињо, но времето покажува дека раководството можеби избрза со оваа одлука.

Помина една недела, а клубот не може да најде замена за Португалецот и денеска доби негативен одговор од двајца искусни и трофејни стручњаци. Речиси во исто време, понудата да го преземат Фенербахче ја одби Анге Постекоглу и Лучано Спалети кои не се гледаат на клупата на турскиот клуб.

Постекоглу сака да работи во некоја од топ-5 лигите и во моментов е најблиску до тренерската позиција во Баер Леверкузен кој неделава го избрка Ерик Тен Хаг. Спалети, пак, сака да паузира откако летово доби отказ од селекторската позиција во италијанската репрезентација.

Фенербахче има уште девет дена до првиот натпревар по разделбата со Мурињо, но секако ќе мора брзо да реагира за екипата да се подготви за дуелот со Трабзон.