
Ѓоковиќ пак нокаутиран, Алкараз е прв финалист на УС Опен
Алкараз доминираше безмалку цел меч, со исклучок на воведниот дел од вториот сет кога Ѓоковиќ направи брејк и се закани дека може да израмни. Шпанецот направи брејке уште во првиот гем и потоа не му дозволи ни брејк топка на својот голем ривал, па без поголеми проблеми поведе со 1-0.
Како што почна првиот, така стартуваше и вториот сет, со таа разлика што сега Ѓоковиќ брз направи брејк и поведе со 3-0. Алкараз возврати во петтиот гем и потоа израмни на 3-3, сетот отиде во тајбрејк, а таму ниеден од двајцата тенисери не беше сигурен на свој сервис. Дури седум од вкупно 11 поени без освоени на сервис на противникот, но подобро се снајде Алкараз кој го доби тајбрејкот со 7-4 за предност од два сета.
Се чини дека тоа беше голем шок за Ѓоковиќ кој не издржа долго во третиот сет, загуби два гема на свој сервис и мораше уште еднаш да му честита на својот ривал. Оваа сезона тој стигна до полуфиналето на сите четири Гренд слема, но не победи во ниедно од нив. Алкараз во финалето ќе се сретне со подобриот од дуелот меѓу Јаник Синер и Феликс Оже Алијасим, ако Италијанецот загуби, уште вечерва ќе дојде до промена на челната позиција на АТП листата.