Еуфорија во „Вечниот град“: Легендарниот Тоти се враќа во таборот на Рома!

Легендарниот поранешен напаѓач и капитен на Рома, Франческо Тоти, би можел повторно да се врати во клубот, овојпат во раководна улога во тимот.

Тој, според информации на реномираниот италијански новинар Николо Скира, е еден од кандидатите за функцијата технички директор на Рома. Тоти (49 години) целата своја играчка кариера ја помина во дресот на „волчицата“, каде што остави неизбришлива трага. Легендата по завршувањето на фудбалската кариера во 2017 година, кратко време беше дел од клупската структура, но ја напушти функцијата во 2019 година. Доколку се реализира оваа идеја, тоа би било негово второ враќање во управата на Рома.

Тоти со клубот од Рим освои титула во Серија А во сезоната 2000/01, како и по два Купа и две Суперкупа на Италија, и останува еден од најголемите симболи во историјата на клубот.