ЕСПН: Барса подготви нов договор за Меси, но Аргентинецот бара повеќе од само пари!

Шпанска Барселона во многу брзо време ќе почне преговори со својот најдобар фудбалер Лионел Меси за продолжување на соработката, но овојпат за такво нешто во прашање нема да бидат само парите, зашто Аргентинецот бара долгорочен план како Каталонците ќе владеат во Европа.

Според информациите на „ЕСПН“, Меси има договор со Барса до 2021 година, но и клаузула за автоматско продолжување на договорот за уште една сезона до 2022, а Барселона сака со нов долгорочен договор од четири години практично да го задржи аргентинскиот виртуоз до пензија.

Ако се договорат, ова ќе биде десеттиот професионален договор на Меси со Барса, почнувајќи од 2004 година, а сега првиот човек Жозеп Марија Бартомеу ќе ги предводи преговорите со таткото на Лео, Хорхе, кој е воедно и менаџер на својот син.

Како што објави американската спортска мрежа, Меси нема да бара само пари, туку Барселона ќе мора да покаже долгорочен план за раководење и успеси во кој Меси ќе биде задоволен дека е амбициозен и дека има темел за нова доминација во Европа и освојување на трофеи во ЛШ. Барселона последен пат стана европски првак во 2015 година.