Енрике ја продолжува чистката во ПСЖ – нова „жртва“ е голманот Донарума!

Тренерот на ПСЖ, Луис Енрике, размислува за драстична промена во тимот, што може да резултира со испаѓање на голманот Џанлуиџи Донарума од почетниот состав на францускиот шампион.

Според Л'Екип, тој бил незадоволен од настапот на италијанскиот чувар на мрежата по неодамнешниот пораз од Арсенал, па сега сериозно размислува за промена на голот. Шпанскиот стручњак летово инсистираше на доаѓање на нов голман, поради што за 20 милиони евра од Краснодар беше доведен талентираниот руски голман, Матвеј Сафонов. Тој веќе бранеше на три меча оваа сезона, што дополнително ги потврдува намерите на Енрике да го испрати Донарума на клупата. Во конкуренција за позицијата прв голман е и младиот Арнау Тенас, кој минатото лето како слободен играч пристигна од Барселона и кој стана херој на олимпискиот тим на Шпанија, предводејќи го тимот до златниот медал на Игрите во Париз.

Оваа потенцијална промена во голманот не е единствениот случај кога Луис Енрике покажа авторитет, со оглед што неодамна го исфрли Усман Дембеле поради недисциплина, со што јасно стави до знаење дека нема да толерира непочитување на правилата и тимот.