Елмас се враќа во првиот тим на Наполи против Риека, Гатузо ќе ги штедел ѕвездите

После 20 дена откако беше последен пат стартер за Наполи, македонскиот бисер Елиф Елмас утре повторно ќе се врати во првиот тим, најавуваат италијанските медиуми, па 21-годишниот фудбалер за врска ќе стартува од почеток на новата пресметка со хрватска Риека.

Елмас пред 20 дена против Риека на „Руевица“ го одигра првиот меч како стартер, откако заглави претходно во изолација, па сега повторно против хрватскиот тим добива шанса од стартот, откако викендов Џенаро Гатузо му даде само неколку минути во судиското надополнување во поразот во дербито од Милан со 1-3.

Како што објавува „Република“, Елмас заедно со Максимовиќ, Лоботка и Зиелински ќе добијат шанса од почетокот на мечот во Лига Европа, зашто Џенаро Гатузо планира да ги штеди ѕвездите за претстојното дерби со Рома викендов. Против Риека ќе игра и Бакајоко, кој поради суспензија нема да може да настапи на дербито со „волчицата“.

Елмас беше еден од клучните играчи во акцијата за голот со кој Македонија победи во Тбилиси за пласман на ЕП, а потоа имаше маестрална асистенција за победничкиот гол на Влатко Стојановски против Естонија. Поради повреда на мускулот, не го одигра мечот со Ерменците и се врати во Неапол.