„Елмас е страшен потенцијал и најкомплетен играч – секоја чест за тој што го донесе во Наполи“

Четири дена откако направи сефте со гол во италијанската Серија А, пофалбите на сметка на македонскиот бисер Елиф Елмас не стивнуваат во Италија, не поради првиот гол во кариерата во Калчото, колку што е неговиот настап против Сампдорија севкупно, за да ги импресионира вообичаено доста скептичните италијански новинари кога станува збор за странски засилувања на кои се фрлени добри пари.

Елмас против Сампдорија првпат доби шанса како стартер кај Џенаро Гатузо и максимално ја искористи, во секој извештај медиумите го посочија како еден од најдобрите, со оценки меѓу највисоките, а во анализите кои и сега траат под Везув, речиси сите не ги кријат пофалбите за младиот фудбалер за врска кој во септември наполни 20 години.

„Момчето е 99 годиште и јасно е дека треба допрва да расте, ама ние сите гледаме дека има многу квалитет во него. И не заборавајте, а знаеме од каде доаѓа. Затоа треба да му се честита на Елмас, а и посебно на тие што го донесоа во Наполи“, вели Салваторе Каиаца, новинар на “Ил Рома“.

Паоло Ди Генио, долгогодишен спортски новинар за наполитанските медиуми е полн со пофалби за македонскиот бисер уште повеќе, практично не запирајќи да ги потенцира неверојатните квалитети на Елмас како олраунд фудбалер од средниот ред.

„Луѓе, тоа момче трча насекаде, има силен карактер, има добар тајминг, плус одлично е технички поткован, доста е цврст и силен. Што треба да направи повеќе? Па има само 20 години и ако гледате според потенцијалот, тој е – најкомплетен. Можеби има други 'специјалисти' кои се подобри на одредена позиција, ама во Елиф имате олраунд играч, кој може да игра каде и да го ставите. Тој е фудбалер што може да направи сè што ќе замислите“, вели Ди Генио.

Поранешниот фудбалер на Наполи, Микеле Пациенциа посочи дека во моментов Наполи со Диего Деме и Елиф Елмас добива среден ред, кој може цела една деценија да биде основа на Наполи. Овој двоец даде по еден гол во победата против Сампдорија со 4-2.

„Елиф е фудбалер со многу светла иднина, многу е млад, ама многу е важен. Деме е извонреден ако го ставите понапред во формација со три играчи за врска, двајцата се многу динамични фудбалери“, вели Пациенциа.

За крај, наполитанскиот портал „Мондо Наполи“ во својата анализа за македонскиот репрезентативец посочува два моменти кои наполитанците мора да ги искористат. Првиот е чусто фудбалски, дека може Елиф да игра на секоја позиција во средина, а вториот е неговиот карактер, интересно потенцирајќи дека вообичаено „жолтиот картон“ не е предност, ама во случајов е показател колку Македонецот е подготвен всушност покажува дека до последен момент се бори за дресот што го носи.

„Елиф е фудбалер што може да игра секаде во средниот ред, природен деснак е, ама знае добро да игра и со послабата нога. И универзалец е, кој е модерен играч за врска, а иако има 20 години покажува завидна техника и многу голем карактер, што на крај го видовме со Сампдорија. И еден момент кога влезе во клинч со Јакуб Јанкто, па заработи жолт картон покажува и уште еден друг момент. Жолт картон вообичаено е 'проблем“, ама во случајот за Елмас важи правилото – 'важен проблем'. Во 93 меча на сениорско ниво има 20 жолти картони, што значи дека воопшто не се штеди, дека дава и повеќе од што треба понекогаш, дека оди и над лимитот. Ја покажува и желбата да игра, да напредува, а сето тоа само може добро да му донесе на Наполи“, пишува порталот во анализата.