Екипата што за малку испадна од елитата го откажа настапот во Втората лига!

Доскорешниот прволигаш Беса нема да биде дел од второлигашката конкуренција следната сезона, откако управата на клубот реши да се повлече од ова натпреварување.

Составот од Добри Дол имаше сосема солидна дебитантска сезона во Првата лига, во која на крајот заврши на десеттото место со само еден бод помалку од Тиквеш и Брера со кои водеа грчевита борба за опстанок. Беса потоа загуби во баражот со Башкими (0-2) што значеше преселба во понизок ранг.

Ова откажување ќе донесе проблеми за ФФМ, односно дополнително пополнување на Втората лига со некоја од екипите кои минатата сезона „за влакно“ не успеаја да изборат место во оваа конкуренција.