Еден од најголемите европски великани влезе во жестоката битка за Елиф Елмас

Додека пет европски гиганти јавно лицитираат со понуди за македонскиот бисер Елиф Елмас за трансфер летово од Фенербахче, во последен момент и тоа тајно и зад кулисите, седумкратниот европски првак Милан влегол во трка за потписот на фудбалерот за врска, објавија италијански медиуми.

Според италијанските медиуми, откако Милан ја загубил трката за Раде Круниќ од ривалот Интер, сега нова цел на „росонерите“ е младиот Елмас, па претставници на миланезите кои веќе веќе имале преговори со истанбулскиот великан, се свртеле комплетно во акцијата за ангажман на македонскиот репрезентативец за да победат во жестоката битка за неговиот потпис.

Истовремено синоќа, шпански „Естадоио Депортиво“ објави дека Севилја излегува во преден план за потписот на Елмас, на барање на Хулен Лопетеги и андалузискиот клуб веќе понудил 15 милиони евра плус Симон Кјаер за Елмас да се пресели на „Санчез Писхуан“.

Милан и Севилја ја зголемуваат така бројката на седум клубови кои официјално влегоа во таа битка за потписот во која Атлетико Мадрид со 14 милиони евра засега ја имаше најдобрата понуда, а Интер, Борусија Дортмунд, Наполи и Фиорентина понудиле нешто помалку. Но, сите претходни понуди засега беа незадоволителни за раководството на Фенербахче.

Елмас во Фенербахче замина од скопски Работнички за 180.000 евра тренинг-компензација во август 2017 година и сега е на праг да направи рекорден трансфер на еден македонски фудбалер и да стане наш најскап играч. Во 40 меча досега за Фенербахче, Елмас даде четири гола, а има и два во 11 настапи за македонската сениорска репрезентација.