Џо Харт доби „клоца“ од Саутгејт: Нема да брани на СП за Англија

Џо Харт минува низ најтешките моменти во својата богата голманска кариера. Чуварот на мрежата на Вест Хем бил информиран од селекторот на Англија, Герет Саутгејт дека нема да биде на списокот на патници за Светското првенство во Русија. 

Саутгејт утре официјално ќе ги објави патниците за Мундијалот, а помеѓу тројцата голмани ќе го нема името на доскорешниот англиски број 1. Џордан Пикфорд останува фаворит број 1 да биде прв голман на „Гордиот албион“, додека Џек Батланд е вториот избор. Харт можеби се надеваше дека може да влезе во репрезентацијата како трет избор, но Саутгејт се решил да му даде шанса на голманот на Барнли, Ник Поуп.

Харт сезонава го загуби местото во Вест Хем по доаѓањето на Дејвид Мојс на клупата, а со тоа и шансите за настап на Светското првенство. Во дресот на англиската репрезентација бранеше 75 пати