Де Геа проговори за неговата иднина во Манчестер јунајтед

Дури на 10 фудбалер во јуни 2019 година ќе им истечат актуелните договори со Манчестер јунајтед. Еден од нив е и Давид де Геа, кој безсомнение е најдобриот фудбалер на „црвените ѓаволи“.

Клубот има опција автоматски да му го продолжи договорот на голманот на уште една година, што Јунајтед сигурно ќе го направи. Интерес за Де Геа пројави Јувентус, кој би го чекал Шпанецот дури и до јуни 2020 година за да го доведе во своите редови бесплатно.

Менаџерот Жозе Мурињо вчера изјави дека не е премногу сигурен дали Давид де Геа ќе сака да потпише нов договор со Манчестер јунајтед, а по многу шпекулации проговори и самиот голман. Тој не беше целосно јасен дали има намера да го продолжи својот престој на „Олд Трафорд“.

„Она што е најважно во моментов е сите ние да се фокусираме на она што ни претстои, а тоа е да победуваме на натпреварите, а не на договорите на фудбалерите или било кои други теми кои би можеле да ни го одвлечат вниманието. Најважно е да се сконцентрираме на фудбалот“, изјави Де Геа. „Јас сум тука многу сезони, како што имам кажано и претходно. Тука сум веќе осум сезони. Многу сум среќен. Секогаш ја чувствувам топлината од навивачите и сите што работат во клубот“, изјави Шпанецот.