„Да беше од Италија, Јамал ќе играше во втора лига“
И италијанските клубови не се ништо подобри, последниот триумф во Лигата на шампионите датира од 2010 година кога титулата ја освои Интер, а оттогаш само Аталанта и Рома освоија европски трофеи и тоа по еден во Лигата Европа и Конференциската лига. Во Италија нема таленти какви што имаше пред 2-3 децении, костурот на репрезентацијата го сочинуваат просечни и потпросечни фудбалери и тоа се одразува на резултатите. Најточен коментар за она што се случува на „Чизмата“, даде поранешниот германски репрезентативец Јирген Клинсман кој пет години од својата кариера помина во италијанското првенство и тоа во најславното време на Серија А.
„Тие ја плаќаат цената на недостатокот на лидери, технички талентирани фудбалери и недовербата во младите таленти. Ламин Јамал да беше од Италија, веројатно ќе играше во втора лига, за да стекне искуство“, рече Клинсман.
Кулминацијата на кризата на италијанскиот фудбал би можело да биде одземањето на организацијата на Европското првенство во 2032 година кое го најави претседателот на УЕФА, Александер Чеферин. Иако има уште повеќе од шест години до неговото одржување, стадионите во Италија, како што рече Чеферин, во моментов се наоѓаат во очајна состојба.