„Чекаме господинот Мбапе да се огласи“

Првпат по четири години, ПСЖ обезбеди пласман во полуфиналето од Лигата на шампионите и ќе има голема шанса да стигне до големото финале бидејќи противник ќе му биде Борусија Дортмунд.

Сепак, дури и во овие моменти, главна тема е иднината на првата ѕвезда на тимот Килијан Мбапе. Веќе има милион шпекулации за неговата иднина, некои го преселија во Реал Мадрид, а за тоа прашање доби и тренерот на ПСЖ, Луис Енрике кој одговори на интересен начин.

„Сите чекаме господинот Килијан Мбапе да се огласи, тогаш сите страни ќе дадат свое мислење. Јас морам да останам мирен додека сите го кажат своето. Како да сме во судница, а јас сум само еден од сведоците кои чекаат сослушување“, изјави шпанскиот стручњак.

Мбапе веќе зборуваше на оваа тема и рече дека неговата иднина ќе биде позната пред Европското првенство што значи дека има помалку од два месеца до објавувањето на конечната одлука. Неговиот договор секако истекува претстојното лето, па или ќе мора да потпише нов или да соопшти дека си оди, по седум години во екипата.