Целосна доминација на ПСЖ: Нејмар прогласен за најдобар во Франција!

Иако поради повреда на стапалото последната средба во првенството Нејмар ја одигра во февруари, сепак беше прогласен за најдобар играч во француската Лига 1. Во 20 одиграни натпревари Бразилецот постигна 19 гола и 13 асистенции.

За најдобар француски играч, кој не игра во Лига 1, беше прогласен играчот на Челси, Нголо Канте, а најдобар голман беше Стив Манданда, додека најдобар тренер беше Унај Емери.

„Многу сум среќен поради работите кои ги постигнав со играчите. Позитивните и негативните работи ми помогнаа да напредува како тренер. Задоволен сум што тренирав екипа со голем квалитет“, кажа Емери.

Играчот на Бордо, Малком е сопственик на најдобриот гол сезонава, а го постигна во 16. коло на гостувањето кај Дижон.

Во најдобрата екипа сезонава доминираат играчите на ПСЖ, па ги има дури седумина. Во тимот на сезоната беа избрани Манданда (Марсеј), Маркињос (ПСЖ), Тијаго Силва (ПСЖ), Даниел Алвеш (ПСЖ), Ферланд Менди (Лион), Набил Фекир (Лион), Марко Верати (ПСЖ), Луиз Густаво (Марсеј), Едисон Кавани (ПСЖ), Нејмар (ПСЖ) и Килијан Мбапе (ПСЖ).

Мбапе беше избран втора година по ред за најдобар млад играч, а интересно е тоа што до тој рекорд пред него стигнал само Еден Азар .

„Среќен сум со постигнатото, само Азар ја освојуваше наградава две години по ред, а на мене останува да ја освојам и трет пат“, кажа Мбапе.