„Британскиот Венко Филипче“ жестоко ги искара фудбалерите од Премиер лигата!

Велика Британија полека, но сигурно станува најголемо жариште на коронавирусот во Европа, со сѐ поголем број заболени и починати од болеста Ковид-19, поради што министерот за здравство, Мат Хенкок, им одржа лекција на скапо платените фудбалери од Премиер лигата.

„Британскиот Венко Филипче“ им порача на ѕвездите да се угледаат на здравствените работници, кои деноноќно се борат со пандемијата и да преземат дел од жртвата преку откажување од поголем дел од своите ионака огромни плати.

„Мислам дека сите Британци треба да понесат дел од одговорноста и од обврските во борбата против коронавирусот, при што мислам и на фудбалерите од Премиер лигата, кои можат да поднесат дел од жртвата во делот на кратење на платите, а не јавно да 'плачат' поради тоа и да изигруваат примадони. Тие средства би биле и тоа како добредојдени на лекарите, медицинските сестри, но и на сите оние обични граѓани кои ќе претрпат финансиска штета поради пандемијата“, изјави Хенкок.