
Бомба во најава: Јирген Клоп е решението за сите проблеми во Реал Мадрид!
Според бразилскиот медиум „УОЛ Спорте“, блиски извори до германскиот стратег откриваат дека Клоп е подготвен повторно да седне на клупата, но само ако му се понуди проект што ќе го убеди – а моментално размислува само за две опции: Реал Мадрид или репрезентацијата на Бразил. Германецот, кој од оваа сезона има советничка улога во спортската структура на групацијата Ред Бул, го напушти Ливерпул минатото лето по напорен период во кој освои сè што можеше со англискиот клуб. Тој побара една година одмор од терените, но сега, според извештаите, повторно е подготвен да се врати – под услов да има целосна контрола врз проектот и амбиција за највисоките трофеи.
Во Мадрид, дел од управата веќе го гледа Клоп како идеалниот наследник на Карло Анчелоти, чие останување на клупата е сè понеизвесно и покрај тоа што му останува уште една година од договорот. Освен Клоп, се разгледуваат и имињата на Чаби Алонсо и Зинедин Зидан. Иако Алонсо беше прв избор, неговата нестабилна сезона со Баер Леверкузен го става под знак прашалник, додека евентуалната трета епизода на Зидан на „Бернабеу“ се смета за малку веројатна.
Флорентино Перез, претседателот на Реал, веќе разговарал со Клоп во минатото, но условите за соработка никогаш не се поклопиле. Сега, сепак, се верува дека германскиот стратег би можел да донесе нова енергија, дисциплина и јасна тактичка визија во клубот – нешто што би било клучно во обидот да се одговори на новиот проект на Барселона под водство на Ханси Флик.
Очекувањата се дека Мадрид ќе започне со конкретни одлуки веднаш по финалето од Купот на Кралот против Барса, а изборот на тренер ќе биде една од главните теми. Клоп, според актуелните сигнали, станува сè поизвесен кандидат за клупата на „кралевите“.
ФОТО: EPA PHOTO