Блесава разврска во Белгија: За пет минути се сменија три различни прваци! (ВИДЕО)

Белгиското фудбалско првенство доби неверојатна разрешница не само во последното коло, туку во последните минути од сезоната, исфрлајќи го на крај Антверпен како шампион, првпат по 66 години, за вкупно шеста круна.

Во последната рунда од првенството со, речиси, изедначени шанси за титула влегоа Антверпен како прв со 46 бода, Унион Сен Жилоаз исто така со 46 и Генк со 45. Поради пропозициите во белгискиот плејоф, Антверпен имаше предност пред Унион СЖ и покрај истиот број бодови, па самиот можеше да си пресуди со победа.

Меѓутоа имаше, веројатно, најтешка задача, бидејќи гостуваше кај директниот конкурент Генк. Од друга страна, Унион СЖ требаше да чека кикс на Антверпен и да слави над Клуб Бриж на домашен терен.

Заплетот беше најавен уште во почетните секунди на второто полувреме, кога Унион СЖ постигна гол за 1-0 против Бриж и важеше за шампион, речиси до почетокот на судиските продолженија, правејќи го неважно водството на Генк против Антверпен, кое од 75. минута застана на 2-1.

Клуб Бриж го почна циркусот, кога во 89. минута изедначи на 1-1 против Унион СЖ. Во тој момент автоматски Генк стана лидер на табелата со 48 бода. Унион СЖ падна на 47, а Антверпен стоеше на истите 46. 

Сепак работите одново се сменија за 180 степени! Прво Бриж постигна гол во 93. минута, за целосен пресврт во Брисел против Унион СЖ, но тоа не влијаеше на првото место. Она што донесе потрес беше голот на Тоби Алдерверелд во мрежата на домаќинот, на дуелот Генк - Антверпен дури во 94. минута. Тоа зачеше нов шампион: Антверпен прв со 47 бода, Генк втор со 46, а Уноин дури трет, исто така со 46.

Тоа остана и конечна табела, а несреќниот Унион кој најдолго „беше шампион“ во ова последно коло, не успеа да дојде до титула ни по 88 години чекање. Го загуби дури и второто место, кое носи квалификации во Лигата на шампионите.