Бизарно: Барди и Леванте без голман одат во Билбао зашто имал обврски на - избори?!

Шпански Леванте, чиј член е македонскиот репрезентативец Енис Барди викендов гостуваат во Билбао кај баскиската гордост Атлетик, ама малиот тим од Валенсија има голем проблем – не може да смета на свјот прв голман Аитор Фернандез.

Не е повреда причината што Фернандез ќе го пропушти мечот, туку нешто ептен бизарно – изборите на Пиринеите. Фернандез е избран за набљудувач на изборите, па мора да ги ја одработи „административната задача“ и така Барди и другарите нема да сметаат на неговата помош на тешкото гостување во Баскија.

Иако во Шпанија фудбалот е на прво место, овој викенд изборите веројатно и ќе ги засенат фудбалските случувања, особено и поради хаосот во Каталонија, кој донесе многу насилство и демонстрации по апсењето на членови кои организираа референдум за независност пред две години. Фернандез е избран за листа на резервни членови на комисијата за спроведување на изборите и мора да се појави на избирачкото место, за да види дали треба некаква помош во организацијата и набљудувањето на истите.

Леванте се обидел со молба да го ослободи Фернандеш од ваквите обврски, ама локалната изборна комисија го одбила тоа. Секој кој сака да ја избегне обврската мора да најде соодветно оправдување, но Шпанците не прифаќаат за обврска дека голманот има меч во најсилната лига на светот.

Проблем за шпанскиот тим е што и вториот голман Ојал Ојазабал е повреден, па тренерот Пако Лопез нема искусен избор за замена. Фернандеш се надева дека ситуацијата може да се смени, иако од денешна перспектива, тоа не е возможно. Сепак, ако треба, решен е од родниот Мондрагон со кола да стигне до Билбао и да застане меѓу диреците.

„Клубот работи да не одам на избори, ама... Сакам да знам што се случува. Јас сум фокусиран на мечот и убеден сум дека ќе бранам. Ако треба в сабота ќе си одам дома, а в недела наутро ќе се појавам на избирачкото место, за потоа со кола да стигнам до 'Сан Мамеш'“, вели Фернандеш.

Останува да се види дали избирачкиот одбор ќе попушти или голманот в недела ќе заврши две работи. Леванте најави нова жалба, а како пример го наведе Ињаки Вилијамс, црномурестиот Баскиец, кој бил избран за избирачки одбор во 2015 година, но потоа бил ослободен за мечот и дал гол баш против Леванте.