Би било чудо, ама не е невозможно: Сити и Ливерпул би можеле да играат и финале за титула!?

Манчестер сити е многу близу до нова шампионска титула во Премиерлигата, две кола пред крајот имаат три бода повеќе од Ливерпул и математички им требаат четири бода за ферификација, иако и со една победа би можеле да се крунисаат за старо-нови англиски владетели, ама теоретски можно е да има и – финале за пехарот.

Сити во последните две кола имаат гостување кај Вест Хем во Лондон (недела, 15 часот) и домашен меч со Астон Вила (22 мај, 17 часот), додека Ливерпул го чека гостување кај Саутемптон во вторник (20.45 часот) и домашен меч со Вулверхемптон (22 мај, 17 часот).

Според пропозициите на Премиерлигата, финале за титула е можно ако двата конкуренти се израмнети во меѓусебниот дуел во сите сегменти, а и ако завршат на табелата осен со ист број на бодови и иста гол-разлика, односно со ист број на дадени и примени голови.

Две кола до крајот Манчестер сити има 89 бода, а Ливерпул – 86. „Ѓраѓаните“ имаат 94 дадени и 22 примени гола, а Ливерпул има 89 дадени и 24 примени голови. И тоа што е најинтересно, двете меѓусебни дербија сезонава завршија идентично со реми 2-2.

Теоретски Ливерпул може да се израмни со Сити во сите сегменти ако „граѓаните“ еднаш загубат, а „црвените“ успеат да дадат доволен број на голови за да обезбедат финале за титула.

Под претпоставка во Лондон, Сити да загуби со 1-2 од Вест Хем, а во последното коло да победи со Астон Вила 1-0, лидерот би имал гол-разлика 96-24. Ливерпул тогаш со победа во Саутемптон со 3-0 и домашен триумф над Вулверхемптон со 4-0 би се израмнил. Би стигнал до идентични 96-24 во гол разликата, идентично бодовно салдо, израмнет меѓусебен дуел.

Финалето во тој случај би се играло 48 часа после последното коло, во случајот на 25 мај. И за вакво сценарио навива Реал Мадрид, зашто би било три дена пред финалето во ЛШ, а ваква пресметка би била дополнително исцрпување за „црвените“ пред битката за „големите уши“ во Париз.

За да се случи вакво сценарио потребно е чудо, но не е невозможно и остварливо е. Само што Сити во Премиерлигата е безмалку незапирлив и тешко дека ќе пропуштат шанса да освојат барем четири бода од последните шест во сезоната. Дури и Јирген Клоп после киксот со Тотнем објави дека не очекува и скоро невозможно е Сити да ја прокоцка актуелната предност на патот кон нова шампионска титула.