Белингам на мангупски начин им одговори на гласините дека е – алкохоличар (ВИДЕО)

Екипата на Реал Мадрид синоќа убедливо го совлада Монако (6-1) на „Сантијаго Бернабеу“ во 7. коло од Лига на шампиони, со што јасно стави до знаење дека кризата која го тресеше клубот е минато.

Тешкиот период резултираше со отказ за Чаби Алонсо, но ниту стартот на новиот тренер Алваро Арбелоа не беше идеален. Во неговиот прв меч, Реал сензационално беше елиминиран од Купот на кралот од второлигашот Албасете, што предизвика силен гнев кај навивачите. Нивниот бес најмногу беше насочен кон ѕвездите Винисиус Жуниор и Џуд Белингам. Англичанецот, кој пред две години пристигна од Борусија Дортмунд за клупски рекордни 127 милиони евра, блесна во првата сезона со титули во Лигата на шампиони и Ла Лига, беше на високо ниво и лани, но оваа сезона не ја држи истата константа.

Дополнително, шпанските медиуми пишуваа дека токму Белингам, заедно со Винисиус, бил еден од лидерите на „бунтот“ против Алонсо, а на товар му беа ставени и обвинувања за разгалено однесување. Последните гласини одеа и чекор подалеку – дека Англичанецот премногу излегува и пие, па дури беше наречен „крал на ноќниот живот“ во Мадрид. Белингам најде необичен начин да одговори. По постигнатиот гол против Монако, тој прослави гестикулирајќи со двете раце како да пие, јасно алудирајќи на шпекулациите.

„Мојата прослава? Денес секој може да застане пред камера и да каже што сака, а светот да му верува без докази. Јас знам која е вистината, што правам во приватниот живот и што давам на теренот. Надворешните приказни не ми значат многу, но убаво е понекогаш и да се пошегуваш“, објасни Белингам по мечот.

Како дополнителна „порака“, Белингам објави фотографија од својот стан – како јаде тестенини и пие сок додека гледа ријалити шоу, уште еднаш ставајќи до знаење дека критиките не го погодуваат.