Барселона си го враќа „дијамантот“ што избега во Динамо Загреб

Дани Олмо игра фантастично во дресот на Динамо Загреб изминатите две сезони и важи за еден од најголемите таленти во европскиот фудбал. 

Хрватскиот тим направи одлична зделка откако успеа да го земе Шпанецот од Барселона и тоа како слободен фудбалер во 2014 година. Во дресот на „модрите“ експлодираше, а зимава неколку гиганти ќе се тепаат за неговиот потпис.

Милан, Интер, Рома и Јувентус се неговите најголеми додворувачи од Серија А, но италијанските медиуми велат дека Барселона може да им ги расипе сметките на сите клубови, бидејќи подготвува понуда од 40 милиони евра.

Тоа е приближно на цената која „модрите“ ја бараат за својот 21-годишен крилен напаѓач. Каталонците сакаат да ја исправат грешката и да го вратат Олмо на „Камп Ноу“, кој треба да биде засилување на крилните позиции откако Усман Дембеле не се прослави изминативе две сезони. 

Олмо освен што беше стандарден шпански репрезентативец до 21 година, веќе го запиша и првиот настап за сениорите.