Барса планира да донесе „питбул“ во јануарскиот преоден рок

Претседателот на Барселона, Жоан Лапорта потврди дека неговиот клуб ќе се обиде да го засили средниот ред во јануарскиот преоден рок.

„Каталонците“ останаа без Гави за кого најверојатно е завршена оваа сезона поради тешката повреда на коленото, па Лапорта смета дека треба да биде ангажиран нов фудбалер од средниот ред.

„Ако имаме простор со ферплејот, наш план е да донесеме играч за врска во јануари. Со тоа би направиле нешто слично како со Едгар Давидс во минатото“, изјави Лапорта.

Давидс, чиј прекар е Питбул, беше донесен во Барселона во јануари 2004 година и имаше огромен придонес во пресвртот на сезоната за овој клуб. Од десеттото место, Барса таа сезона се искачи на втората позиција, имаше серија од 10 победи и само поради поразот од Селта на три кола пред крајот, не ја освои шампионската титула. Во март таа година, Реал имаше 15 бода предност во однос на Барселона, но тимот предводен од Франк Рајкард на крајот заврши пред „кралскиот клуб“. Сепак, Давидс беше позајмен од Јувентус и на крајот од сезоната се врати во торинскиот тим откако одигра 20 меча во сите натпреварувања.