Барса и Атлетико извисија – Реал пред нос им го украде Бернардо Силва

Атлетико Мадрид прв тргна по Бернардо Силва, Барселона потоа се вклучи во трката со примамлива понуда, но двата клуба останаа со куси ракави бидејќи, како што стојат работите, Жозе Мурињо им го украде пред нос.

По португалска линија, довчерашниот играч на Манчестер Сити го прифатил повикот на Мурињо и останува само официјално да стави потпис на договорот со Реал Мадрид. Неговите изјави последните денови беа многу контрадикторни бидејќи прво велеше дека сон му е да заигра за Барселона, а потоа дека конечната одлука ќе ја донесе по Светското првенство. Се чини дека најизигран во целата приказна е Атлетико на чие раководството Португалецот, наводно, вчера му потврдил дека ќе потпише таму, за до вечерта да ја смени одлуката.

Иако не е официјално потврдено, Реал му понудил плата од 16 милиони евра што можеше да си дозволи затоа што на Силва му истече договорот со Сити и мадридскиот клуб не мораше да плаќа отштета.

Во секој случај, Реал во него ќе добие искусен играч на средината од теренот, плус со шампионски менталитет затоа што со Сити освои вкупно 19 трофеи, вклучувајќи шест во Премиер лигата и еден во Лигата на шампионите.