Барди: Играм за да победиме, а ако дадам гол(ови) тогаш е - одлично!

Два гола во последните три меча со кои Леванте практично се зацврсти во средината на табелата во Ла Лига, па опстанокот е речиси обезбеден, го ставаат македонскиот репрезентативец Енис Барди како еден од клучните играчи на тимот од Валенсија во оваа сезона.

Барди вчера му даде гол и на Бетис во триумфот со 4-2, со што потврди дека е во извонредна форма, на радост на навивачите на клубот, кои за разлика од лани, сега не се тресат дали ќе опстанат во шпанската елита.

„Јас откако играм фудбал секогаш сум се трудел да дадам сто отсто на теренот. И за мене е најважно да играм, да учествувам во мечот, да дадам сè од себе и да победиме. Ако дојде гол, тогаш тоа е одлично. Најбитно е да победиме, а ако учествувам со гол тогаш таа победа е уште послатка. Среќен сум за тоа што победивме и како тимски одигравме и одработевме. Беше многу жешко, ама останавме фокусирани и дадовме голови кога беше најпотребно“, вели Барди.