Баерн веќе го контактирала Нагелсман, иако младиот тренер демантираше

Најталентираниот тренер Јулијан Нагелсман, актуелниот кормилар на Ред Бул Лајпциг е изборот на Баерн Минхен за наследник на Ханси Флик, кој вчера објави дека побарал раскин на договорот со Баварците.

Веќе од поодамна се најавува дека Нагелсман е следен кој ќе седне на клупата на најтрофејниот гермнаски клуб, но младиот тренер постојано демантираше дека воопшто постои контакт или заинтересираност за соработка. Арно ама, легендарниот Лотар Матеус, откри дека Баерн веќе го направил првиот чекор.

Според германската легенда и една од големите икони на Баварците, управата на клубот веќе стапила во контакт со менаџерот на тренерот и сега се очекува брзо да почнат разговорите, особено што во договорот на Нагелсман со Ред Бул Лајпциг нема отштетна клаузула. Што значи дека раководството на Баерн ќе треба да се договори со ривалскиот клуб за да го земе тренерот.

Ако се случи ваков трансфер нема да биде прв од еден во друг бундеслигаш да се пресели еден тренер, зашто Марко Розе од Борусија Менхенгладбах веќе објави дека оди во Борусија Дортмунд, а неговото место во Менхенгладбах ќе го пополни Ади Хитер од Ајнтрахт Франкфурт.

Флик си заминува од Баерн наводно поради лошиот однос со спортскиот директор Хасан Салихамиџиќ, иако јавно тоа не го потврди, но можно е да биде и новиот селектор на Германија по Евро 2021, кога Јоаким Лев ќе си замине после 15 години на клупата, а досегашниот кормиалр на Баерн е прв кандидат за тоа место заедно со Ралф Рангник.