Баерн промашил „зицер“ - го испуштил Јамал на 15-годишна возраст

Ламин Јамал во моментов е еден од најдобрите светски фудбалери и суперѕвезда на Барселона, но малку недостасувало на 15-годишна возраст тој да стане играч на Баерн Минхен.

Којзнае како ќе се одвивала неговата кариера и каде ќе беше во моментов, но јасно е дека „баварците“ за малку испуштиле огромен талент. Германскиот весник Билд ја објави приказната која датира од 2022 година, период кога Барселона беше во катастрофална состојба.

Според изданието, тогашниот спортски директор на Баерн, Хасан Салихамиџиќ во Мадрид се сретнал со Иван де ла Пења кој ги застапувал Гави и Јамал. Двајцата требало да потпишат за Баерн, но Јамал не можел да добие дозвола од Барселона пред 2023 година. Салихамиџиќ и раководството на Баерн, сепак, постигнале договор, кога тој ќе наполни 16 години, да се пресели во Германија за пет милиони евра.

Во екот на преговорите, познатиот португалски менаџер Жорге Мендес станал застапник на Јамал и целата операција пропаднала. Пролетта 2023 година, шпанскиот фудбалер дебитираше за Барселона, на само 15 години и оттогаш се е историја.