Баерн Минхен ќе биде без двајцата најдобри фудбалери за дербито со Менхенгладбах

Баерн Минхен вчера славеше со убедливи 4-2 на гостувањето кај Баер Леверкузен во рамки на 30-тото коло, но тренерот Ханси Флик не беше премногу среќен.

Причина за тоа е фактот дека неговите двајца најдобри фудбалери сезонава нема да можат да му помогнат на тимот следниот натпревар. Роберт Левандовски, кој е најдобар стрелец со 30 голови во Бундеслигата и најдобриот асистент Томас Милер со 20 асистенции заработија жолти картони против Леверкузен.

Тие автоматски се суспендирани за следниот дуел со Борусија Менхенгладбах поради акумулирани жолти картони.

„Фрустрирачки е, но таква е ситуацијата и мораме да ја прифатиме“, вели Флик. „На теренот сте емотивни и по натпреварот зборував со судијата. Тој вели дека Левандовски го удирал протинвикот и затоа добил картон. Јас не го видов тоа и затоа не можам да коментирам. Милер ја блокираше топката при изведувањето на слободен удар, па жолтиот картон беше оправдан. Мораме да го прифатиме тоа“, додаде тренерот на Баерн.

На баварците им се потребни уште две победи во последните четири кола од сезоната за да ја обезбедат осмата шампионска титула по ред.