Азар со смешкањето на „Стемфорд Бриџ“ си ја запечати судбината во Реал Мадрид

Трансферот на Еден Азар во Реал Мадрид од Челси беше најскап во историјата на клубот и чинеше околу 115 милиони евра. „Кралевите“ бараа замена за Кристијано Роналдо, а за возврат добија едвај 40 настапи во две сезони и четири голови во сите конкуренции. 

Белгиецот постојано се повредува и никако да ја пронајде формата, а кога конечно одигра речиси цел натпревар, во вторникот на „Стемфорд Бриџ“ против Челси, направи потег со кој ги налути навивачите и сите во Мадрид.

По поразот од 2-0 и елиминацијата од полуфиналето во Лигата на шампиони, Азар се поздравуваше со дел од своите поранешни соиграчи, а камерите го уловија како се смее со Курт Зума. Овој потег ги разочара сите приврзаници на „кралевите“, па крилниот напаѓач потоа мораше да се извинува преку социјалните мрежи.

Тоа нема да му помогне премногу, бидејќи Флорентино Перез веќе планира да го стави на трансфер-листа. Очигледно не може да го чека да се врати во форма, а Азар ќе биде запаметен како најголемата трансфер-утка во историјата на славниот клуб.

Прашањето сега е колку од оние 115 милиони евра Реал Мадрид може да врати со негова продажба? Со оглед на формата и повредите, ако Перез успее да најде купувач барем за половина од оваа сума треба да биде пресреќен.