Атлетико Мадрид со пресврт и гол во 93. минута го искористи киксот на Реал и Барса (ВИДЕО)

Фудбалерите на Атлетико Мадрид максимално го искористија вчерашниот кикс на Реал Мадрид и Барселона, па со денешната победа со пресврт и клучен погодок во судиското надополнување против Севилја (2-1) им се приближија на овие два тима во битката за титулата во Шпанија.

Натпреварот почна лошо за „јорганџиите“ со оглед што домаќинот поведе уште во седмата минута преку Агуме. Дваесетина минути подоцна изедначи Хулиан Алварез од пенал, резултат кој се „држеше“ се до последните моменти. Херој во тимот на тренерот Диего Симеоне беше Пабло Бариос, кој погоди во 93. минута.

Атлетико Мадрид останува третопласиран со 60, но сега со три помалку од Реал Мадрид, кој вчера загуби дома од Валенсија (1-2), а седум помалку од лидерот Барса, која синоќа ремизираше дома со Бетис (1-1).

ФОТО: EPA PHOTO