Арсенал за Барди ќе мора да го урне македонскиот трансфер рекорд за да го донесе на „Емирати!

Откако еден од најугледните медиуми „Онсе Серо“ најави дека лондонскиот премиерлигашки гигант Арсенал испратил „многу важна понуда“ за македонскиот репрезентативец Енис Барди за трансфер летово после завршување на пролонгираната сезона, „топчиите“ ќе мора добро да го одврзат ќесето ако го посакуваат фудбалерот за врска во своите редови.

Според низа шпански, но и англиски медиуми, кои засега не откриваат колкава е таа важна понуда од Лондон за Барди, потенцираат дека Леванте за да го продаде својот мотор на тимот ќе бара 25 милиони евра за трансфер, што би значело дека Арсенал ако ги плати тие пари за една година ќе биде урнат македонскиот рекорд.

Лани бисерот Елиф Елмас постави нов македонски трансфер рекорд од 16 милиони евра плус бонуси откако дојде во Наполи од турски Фенербахче. Сега, рекордот може да го урне Барди, зашто Леванте наводно нема така лесно да се откаже од добра заработувачка од македонскиот репрезентативец, особено што има уште две години од актуелниот договор и откупна клаузула од 50 милиони евра.

Според најавите на шпанското радио покрај Арсенал, сериозен интерес за Барди има од италијанска Фиорентина, како и од два неименувани германски бундеслигаши, па останува да се види дали летово фудбалерот за врска ќе направи трансфер во многу поголем клуб. Тој во Леванте дојде од унгарски Ујпешт за само 1,5 милиони евра и Шпанците сега ептен многу може да заработат со продажбата.

Барди откако дојде во Леванте во јули 2017 година досега постигна 16 гола и има 10 асистенции во 96 меча и е петти стрелец во историјата на клубот.