Арсенал направи „чистка“ во стручниот штаб: Покрај Венгер отказ добија уште шесторица

Арсенал очигледно се подготвува за влез во нова ера во својата историја и се откажува од сè што е поврзано со Арсен Венгер.

Менаџерот го напушта клубот по 22 години, а покрај него отказ добија уште шесторица членови на стручниот штаб, кои долги години беа крај Французинот. Можеби најголемиот шок е отказот за шефот на медицинскиот тим Колин Луин, кој 23 години е дел од „топчиите“ и е еден од најблиските соработници на Венгер. Тој бил во шок, кога вчера му било соопштено дека повеќе нема да бидат потребни неговите услуги.

Останатите кои добиле отказ се помошникот на Венгер, Нил Банфилд, кој исто така повеќе од 20 години е во клубот, потоа еден од тренерите на голманите Гери Пејтон, кондицискиот тренер Тони Колберт и економот Пол Џонсон. Еден од најблиските соработници на Венгер, Боро Приморац исто така мора да си оди. Сепак, од сегашниот стручен штаб на Французинот ќе останат само двајца. Тоа се тренерот на голманите Јенс Леман и првиот асистент Стив Булд.

Засега не е јасно, кој ќе го наследи Венгер на клупата на Арсенал, но како главни кандидати остануваат поранешниот фудбалери на овој тим Микел Артета, Патрик Вијера, Масимилијано Алегри и Луис Енрике.