Ако денеска не победи, Аморим може да се пакува

Токму кога сите помислија дека триумфот против Челси пред 20-тина дена ќе му обезбеди долгорочен мир на Рубен Аморим, дојде минатонеделниот пораз од Брентфорд кој повторно ја потресе неговата позиција.

До вчера се шпекулраше, но утринава англиските медиуми објавија дека ако Аморим не го победи Сандерленд денеска, по брза постапка ќе биде избркан од Манчестер Јунајтед.

„Лошата игра и неуспехот против Брентфорд минатиот викенд ја засилија загриженоста меѓу раководството и недовербата во Аморим е се поизразена. Уште еден неуспех сериозно ќе го тестира трпението кај газдите. Отпуштање на менаџерот по неполна година ќе го чини Јунајтед дури 12 милиони фунти, но сето тоа нема да влијае на евентуалната одлука“, пишува угледниот Телеграф.

Иако е јасно разликата во историјата меѓу двата клуба, на Јунајтед воопшто нема да му биде лесно бидејќи Сандерленд, заедно со Борнмут, е најпријатно изненадување оваа сезона во Премиер лигата. Се наоѓа на шестата позиција со 11 бода, четири повеќе од Јунајтед и е четири меча без пораз. Не игра атрактивен фудбал, досега постигна само седум гола, но има една од најсилните одбрани со три примени.