Вториот оперативец на ФФМ има корона - ќе одат ли сите во изолација!

Заменик генералниот секретар на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), Дрилон Ганиу е позитивен на коронавирус, откако неговиот тест денеска се покажал како позитивен.

Вториот оперативец во куќата на фудбалот, кој му е заменик на генсекот Филип Поповски е брат на градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу, кој пред неколку дена беше позитивен, а сега и тестот на оперативецот во ФФМ покажал присуство на Ковид-19, па прашање е дали сега цело ФФМ ќе оди во изолација.

Ганиу бил присутен на седницата на Управниот одбор во петокот минатата недела кога оваа седница на која беа донесени низа одлуки во тој момент клучни за доигрувањето на сезоната и проширувањето на лигата, се одржала во просториите во куќата на фудбалот. Сега, после овој позитивен тест, најзагрозени поради примарните контакти се сите членови од фудбалската Влада, но допрва епидемиолозите треба да ги утврдат сите контакти на заменикот генсек и тие лица да одат во 14-дневен карантин.

Денешната седница на УО се одржа преку видео-конференција, на која беше прекинато фудбалското првенство за оваа сезона, поради зголемениот број на заразени во земјава, како и седумте членови на Ренова и Шкендија кои се позитивни на Ковид-19.