Втората лига ќе се пополнува со баражи и „лаки лузер“, а пак – еден тим кусок!? (ФОТО)

Второлигашката конкуренција ја спушти завесата за оваа сезона, Воска Спорт и Гостивар се нови прволигаши, Вардар ќе игра бараж за елитата, Тетекс е во бараж за опстанок, а Локомотива Пехчево, Слога Виница и Борец испаднаа, но сезоната ќе потрае додека не се добијат сите 16 екипи за следната сезона. Дотогаш ќе има сѐ и сешто – од баражи до ждрепка за „лаки лузер(и)“.

Тоа што е сигурно по завршувањето на сезонава е дека десет од 16-те екипи се веќе познати. Девет се екипите кои сигурно остануваат второлигаши и тоа Пелистер, Беса, Детонит Плачковица, Арсими, Охрид, Беласица, Караорман, Кожув и Каменица Саса. Десеттата сигурна е Победа која директно испадна од Првата лига.

И допрва четири баражи ќе треба да дадат четири второлигаши. Првиот бараж е тој за пополнување на Првата лига помеѓу Скопје и Вардар (идната недела од 17 часот во Кавадарци), додека останатите три се на петте најдобри третолигаши (Влазрими, Башкими, Новаци, Вардар Неготино и Осогово) плус Тетекс кој вчера го обезбеди тоа бараж место, низ три меча на неутрален терен. Што значи уште четири тима од четири баражи.

Арно ама кога и ова ќе заврши кусок се две екипи. И смешките на ФФМ кои се бескрајни во воедењето на македонскиот фудбал допрва доаѓаат. Предвидена е ждрепка за „лаки лузер“ за да дополни едно место од трите поразени во баражите за Втора лига. Но, и тоа ќе биде малку, па поизвесно е дека ждрепка ќе има за два тима, зашто во пропозициите предвидено е два тима од Првата лига да ја пополнат Втората. Проблем е што Ренова се откажа пред стартот на сезоната, Првата лига се играше со 11 тима и само еден директно испадна, а не две како што предвидува правилникот.

Кога е ФФМ во прашање, секакви циркузи и спектакли се можни, ама математикава од пропозициите со реалноста никако не им се поклопува и е тотално луда. Равенка со три непознати, која во нормална фудбалска земја нема шанси да се појави за решавање. И ако се случи ждрепка да решава за два од трите „лаки лузери“, која е поентата да се играат баражите.

Да е урнебесот поголем, а допрва може да се случи сѐ и сешто, е предвидено со пропозициите за Втора лига, па во „Куќата на фудбалот“ си предвиделе дека ако некој од третолигашите се откаже од бараж, Тетекс би останал второлигаш, би се играле само два баражи, па пак ќе има ждрепка за лаки лузер. Ама, никако не може да се поклопи бројката за 16 тимови за новата сезона. Во случајов еден од третолигашите да се откаже, сите четири други би требало да станат второлигаши.

А, сосема на крај е прашањето дали некој ќе игра Втора лига ќе зависи и дали клубовите ќе исполнат минимални услови за лиценца за настап во Втората лига, а каков е македонскиот фудбал и какви сѐ (не)услови има, беспарица, ништо нема да биде сигурно до почеток на новата сезона. Кога најстабилниот прволигаш Ренова лани една недела пред првенството се откажа, повеќе ништо не е сигурно за останатите екипи.

ПОПОЛНУВАЊЕ НА ВТОРА ЛИГА ЗА СЕЗОНА 2023/24

ВЕЌЕ ОБЕЗБЕДЕН ПЛАСМАН – ОД 4-ТО ДО 12-ТО МЕСТО (ДЕВЕТ ЕКИПИ)

Пелистер, Беса, Детонит Плачковица, Арсими, Охрид, Беласица, Караорман, Кожув и Каменица Саса

ИСПАДНАТИ ОД ВТОРА ЛИГА (ДВЕ ЕКИПИ ?!)

Победа единствена испадна, Ренова се откажа пред стартот на првенството

ПОРАЗЕН ОД БАРАЖОТ ЗА ПРВА ЛИГА (ЕДНА ЕКИПА)

Скопје – Вардар играат на 21 мај од 17 часот во Кавадарци

БАРАЖ ЗА ТРЕТА ЛИГА (3 ЕКИПИ)

Пласирани Влазрими, Новаци, Башкими, Осогово, Вардар Неготино, Тетекс – ќе има три меча, победниците ќе играат Втора лига

ЛАКИ ЛУЗЕР (ЕДНА ЕКИПА)

Со ждрепка една екипа од поразените три од баражите за Втора лига

ВКУПНО - 15 ЕКИПИ (КОЈА Е 16-ТА?)